Пред 15 години првиот долготраен екипаж пристигна на Меѓународната вселенска станица (ИСС). Оттогаш таа е постојано „населена“. Сега е време за прослава.
„ Станува збор за орбитална лабораторија и тоа орбитална лабораторија од светски ранг. Покрај тоа што се занимаваме со истражувања ние истотака треба да го разбереме животот во Земјината орбита и како ние луѓето реагираме на вселената. А тоа е многу важно доколку сакаме да напредуваме кон истражување на Соларниот систем. А тука е и меѓународниот аспект на станицата“, објаснува американскиот астронаут Скот Кели, актуелен командант на ИСС.
Екипажот на станицата го сочинуваат Американци и Руси, како и членови на Европската вселенска агенција ЕСА, Јапонци и Канаѓани.
Меѓународната вселенска станица е планирана уште во 80-те години од минатиот век а беше лансирана во 2000 година. Оттогаш наваму таму истражувале и извршувале експерименти преку 200 астронаути од 17 земји.
„Вселенската станица е мост. Таа е платформа за тестирање на технологиите кои треба да ги развиеме и разбереме за успешни патувања на Марс“, истакнува Кјел Линдгрен, астронаут на американската вселенска агенција НАСА и дел од екипажот на ИСС.
Астронаути кои живеат во бестежинска состојба. ИСС е всушност совршена ПР-алатка. Кога ќе видите слики од сосема нормални луѓе во нивната дневна соба- која меѓутоа се наоѓа 400 километри над земјата- тоа тогаш ја прави вселената достапна за сите. Сето тоа уште дистрибуирано преку социјалните интернет мрежи е вистинска добивка за имиџот на овој скап проект. Станицата, според договорот на партнерите, би требало да остане во погон до 2024 година. А што ќе се случува со неа потоа , запишано е во ѕвездите.