
Вечерва започнува 33. „Поетска ноќ во Велестово“ посветена на поезијата на Ристо Лазаров . До 22 август територија на поезијата ќе бидат повеќе локации во село Велестово и во Охрид.Манифестацијата ќе започне вечервса во 21 часот во Велестово со настап на гитаристот Мартин Милески од Охрид.
За делото на Лазаров ќе беседи проф. д-р Димитар Пандев, а стиховите ќе ги интерпретира актерот Јован Цветкоски. Водител на програмата ќе биде Марина Димовска. Специјални гости на настанот ќе бидат семинаристите што ќе учествуваат на годинешната 54. Летна школа на Mеѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура.
Во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово, час подоцна од 22 часот ќе биде отворена и изложбата „Татко и син Упевче (мозаици и цркви)“ на академските уметници Славко Упевче и Никола Упевче од Охрид.
Во сабота од 18 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање на кое со видеопроекција ќе се претстават Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир од Исланд.
Планирано е и трето поетско читање, настанот ‘Поезија Залез’ што годинава би требало да се одржи на кајчиња во Охридското Езеро, но доколку временските прилики или други околности не дозволуваат, читањето ќе се одржи на алтернативна локација во селото Велестово. За овој настан планиран е настапот на Надија Реброња (Србија) како и на домашните поети: Долорес Атанасова ‒ Лори, Сашо Огненовски, Ивана Јовановска и Андреј Ал-Асади“, стои во соопштението.
Настаните ќе бидат организирани согласно протоколите и препораките на Владата и Министерството за здравство за заштита од ковид, со намален број на посетители и на отворено.
Публцитет.мк







