Велат „кој рано рани, две среќи граби“ и дека тие (ранобудните) се поздрави, побогати, а со тоа и помудри.
Но, според едно новоистражување што беше објавено во „Nature Communications“, дали ќе бидеме ранобудни или не, не е едноставно работа на избор, туку тоа е одредено од нашата ДНК. Истражувачите откриле 15 локации во ДНК (локуси) кои се поврзани со ранобудноста, од кои седум се поврзани со регулацијата на циркадниот (дневноноќниот) ритам на телото.
Во истражувањето биле опфатени околу 90.000 лица, кои дале согласност за испитување на нивната ДНК, преку примерок од плунка. Секој од учесниците одговорил на две одделни анкети каде било поставено истото прашање: Дали сте повеќе „ранобудни“ или „ноќни птици“?
Мнозинството од учесниците (56 отсто) се сметале себеси за „ноќни птици“, додека жените и мажите над 60 години повеќе биле ранобудни.
Кај ранобудните лица имало помала веројатност да патат од несоница или да им се потребни повеќе од 8 часа сон дневно, како и помала веројатност за депресија отколку лицата кои се изјасниле дека се „ноќни птици“.
Истражувачите исто така откриле дека, кога ќе се земе во обѕир староста и полот, ранобудните лица имале помал индекс на телесна маса (иако не е јасно дали е ова причински поврзано).
Споредбата на резултатите од анкетата и анализата на гените покажала постоење на генетски модели помеѓу ранобудните лица и „ноќните птици“, особено во 15 генетски варијанти. Со секоја дополнителна варијанта, веројатноста на учесниците да спаѓаат во групата ранобудни се зголемувала за 5 до 25 проценти, покажале наодите.
Иако истражувањето успешно покажало постоење на гени поврзани со тоа дали некој ќе биде ранобуден или не, истражувачите признаваат дека постојат некои ограничувања во истражувањето. Особено, одговорите на прашањата од анкетата се субјективни, бидејќи секој има сопствена дефиниција за тоа што означуваат овие поими.
Сепак ако овие резултати се точни, тие би можеле да им помогнат на докторите да ги применуваат своите третмани врз основа на тоа кога пациентите се најактивни, дали наутро или навечер.
Па, „ноќни птици“, кога следниот пат ќе се разбудите рано наутро и ќе ви текне на поговорката, утешете се дека тоа е работа на вашата ДНК и слободно отспијте уште малку.
Извор: enauka.mk