Јованка Сион- Доленц, медицински лаборант во Центар за јавно здравје – Охрид.
Работата во микробиолошка лабораторија ја обожавам, но исто така уживам и во пријатната атмосфера во тимот со кој работам. Како волонтер, повеќе од десет години сум вклучена во голем број програми и активности на Црвен крст -Охрид, најчесто поврзани со деца и млади. Сето знаење кое го стекнав од неформалното образование во годините додека се обидував да се вработам “по струка”, денес имам можност да им го пренесам на младите. Програмите како ЦКА-ПХВ и Вдиши театар се одлична можност да се поддржат младите во нивните идеи за позитивни промени во локалната заедница, притоа користејќи ги нивните вештини и способности. Програмата Време е за книга-Story Hour за мене лично е многу значајна поради тоа што преку неа ја промовираме љубовта кон книгата уште од најмала возраст.
Мајка сум на две прекрасни деца, Лука и Мартин од кои ја црпам најголемата љубов и енергија. Со сопругот, Роберт, изработуваме декоративни и ароматизирани свеќи. Се што знаеме за процесот и техниките на изработка го научивме попатно и поради тоа секоја свеќа е уникатна и има своја приказна, и секоја од нив ми е драга.
Сакам да патувам и истражувам места кои не се комерцијализирани, да шетам во улички каде живеат вистински луѓе, а не само туристи. Сакам да учам нови нешта. Ја сакам уметноста во повеќе облици: книги, фотографии, слики, музика, театар, филм. Се трудам колку што е можно повеќе да ги поддржам локалните уметници. Сметам дека тоа е многу важно.
Убаво ми е кога со семејствата на сестра ми и брат ми играме друштвени игри и “board games”, а пресреќна сум кога победувам. Впрочем, така и го прославуваме мојот роденден, покрај мезе и пијалак, дувам свеќа и со фамилијата и пријателите играме забавни – друштвени игри. Ви благодарам што одвоивте простор за мене во Вашата рубрика. Голема е честа да се биде дел од оваа прекрасна иницијатива. Останете со здравје!
Публицитет.мк