Ретко која песна која доаѓа од африканскиот континент постигнала светска слава и популарност како песната „ Ја Мустафа“ која ја напишал познатиот египетски музичар Мохамед Фаузи (1916 – 1966).
Песната е напишана под влијание на грчката музика и била мошне популарна во 50 и 60 тите години од изминатиот век .Во Европа за прв пат станала мошне популарна кога во Франција ја испеал и објавил во 1960 тата година египетскиот пејач Боб Азам.Оваа верзија станала голем хит и во Велика Британија каде на топ листата на најслушани синглови останала 14 недели и се искачила на 23 место.
Мошне брзо песната била препеана и на грчки, турски и српски јазик каде во споменатите земји постигнала огромна популарност.
Така во Србија во 1960 година, тогаш популарната интерпретаторка Лола Новаковиќ издаде сингл плоча со оваа песна која постигна голема популарност. Следната 1961 година тоа го направи и големата музичка ѕвезда од тој период- Ѓорѓе Марјановиќ.
Во 1977 година Ненад Јовановиќ направи своја верзија на оваа песн и конечно групата „ Мањифико“ во 2016 година направи мошне успешна преработка на оваа песна.
Во 1962 година песната ја снимила и еврејско- турско –француската пејачка Дарја Морено.Две години порано во соседната Шпанија песната се искачила на првото место на топ листите а била направена во две верзии испеани од Боб Азам и Хозе Гвардиола.
Голема популарност песната доживеала и во Јапонија каде на јапонски ја испеал Кју Сакамото
Песната е препеана и на грчки, индонезиски, индиски, англиски, либански, каталонски,дански…
Може да се слушне и во изведба на познатата француска пејачка Далида но и во разно разни аранжмани како диско верзија, инструментална па дури и фолк – блуз верзија.
Освен тоа таа е искористена како музичка тема и во неколку играни филмови од кои и во еден индиски филм каде беше препеана на јазикот хинди.
Еве потсетување на оригиналната верзија на оваа песна во изведба на Боб Азам од 1960 година.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк