Соња Живковиќ – Ѓоргиевска,
Веќе една година пензиониран професор по македонски јазик и литература во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ во Битола и поранешен уредник, новинар и водител во најстарото македонско локално радио – Радио Битола.
Денес полнам 66 години и продолжувам најмногу да се радувам на секое ново изгрејсонце и зајдисонце. Пензионерските денови се исполнети и брзо „летна“ една година од моето тогаш пресно пензионерско верување дека на некој начин ќе успорам. Кој сака да е активен лесно наоѓа замена на дотогашните обврски. Ми значат повремените јавувања, допишувања и кафе пиење со дел од поранешните ученици, мило ми е да слушам за нивни успеси и напредувања.
Роденденот го прославувам со ќерката Марта и сопругот Ѓорги, тука се за среќа и родителите кои ме потсетуваат дека сум сѐ уште „ дете“. Благодарна сум на телефонските јавувања од поблиските пријатели, ништо помалку благодарна на подалечните и честитките од виртуелните пријатели, кои станаа дел од наашите животи.
Она што сериозно ми недостасуваше во ковид периодот, а тоа се вистинските прегратки, во секоја можна прилика ги надокнадувам, оние топли прегратки во кои како да добиваш живот уште една година плус.
Си посакувам пред сѐ здравје, да се радувам на секој ден, да ме радуваат и да ги радувам најмилите и сите добронамерни луѓе.
Ви благодарам Публицитет.мк за вниманието!
Публицитет.мк