
Свето Тоевски, независен новинар, социоекономски и политички аналитичар и истражувач во лингвистиката-македонистиката и во политичките науки од Тетово
Денес, на овој мој нов роденден, затворам едно поглавје од мојот живот и отворам ново со размислувања и планирања што ќе содржи тоа ново едногодишно поглавје. Некои работи веќе сум постигнал досега во животот, но одделни некои многу важни активности допрва ми претстојат и тие би означиле своевидно резиме на научно-истражувачката работа, со која се занимавав во изминатите децении. Тоа е мојата научна теорија и искуствено-практична концепција и пракса на интегралниот македонизам како сеопфат на македонскиот идентитет, или појасно кажано македонизмот денес и во прадревните почетоци на настанувањето на македонскиот народ, што како тема на научен труд веќе ја изложив на научната манифестација „Денови на Корубин“ во Институтот за македонски јазик во мај 2019 година. Оваа проблематика сакам да ја разработам и од аспект на лингвистиката – македонистиката и од аспект на политичките науки, како мој скромен своевиден придонес во испишувањето на „За македонцките работи“ – втор дел…
Ете, со вакви размислувања и идни планирања го дочекувам денешниов мој роденден, секако и со вообичаените новинарски обврски во медиумот во кој работам. Од неизмерно значење е кога човек настојува да живее во мир и без стресови, во одредено релативно согласие со околината и токму е ваква мојата животна филозофија. Нема полза од песимизмот, но нема полза ниту од прекумерниот и нереален оптимизам. Кога со широко отворени очи и со отворен ум се нурнуваме во реалноста само тогаш можеме поподготвени да ги согледуваме и да ги надминуваме проблемите, предизвиците и она што ни претстои. По овие врвици сум чекорел и ќе чекорам и натаму.
Ви благодарам во „Публицитет“ за честа и мојата малечкост да биде дел од вашата уникатна рубрика „Денес им е роденден“.
Многу убави желби да си посакаме за добро здравје и долг живот исполнет со убавини на ова македонско парче на Балканот, во оваа наша Македонија. А за таа Македонија и отстапувам на „Публицитет“ да објави и едно „поетско парче“ од мојата душа како посакување да ни се случи во едно поскорешно време и роденден на Македонија…
Ќе им го дозволиме ли тоа?
Месечина небесна и Сонце кутлешко ни грабат,
Ах, в темнина-небиднина да не кладат.
Како да им го дозволиме тоа?
Еве, ни раскопуваат и гробови древни со знаменија свидни.
Дури ни ништат и колепки бебешки во времињата идни.
Ох, да не знаеме кои сме биле и кои ќе бидеме!
Но, ќе им го дозволиме ли тоа?
И цареви ни симнуваат од тронови.
Јаросно на архиепископи охридски им крадат митри,
А в цркви икони ни грабат душманите злобни, итри.
В длабочини земни од искона корени ни корнат,
Еј, жар-пламенец в огниште прадедово ни гаснат!
Челадта наша сакаат да ја земат,
Нивна да им биде вкуќи пустелни за навек.
А ние ќе им го дозволиме ли тоа?
Клокоти, гргори вода набуена во вруток-душа
да исфрли црнила, јадови и гнев збрани,
но, камења-грамади клаваат да не бликне вруток!
Ќе им го дозволиме ли тоа?
Мугри ближат, светлина в душа носат,
чекори цврсти земјата ја тресат, со надеж ја росат,
ноќта волча бега пред гневните што идат,
страдните бел век и живот за да видат!
Публицитет.мк







