Фотката за оваа недела доаѓа од Pixily Studio. Во споделувањето на социјалните мрежи оттаму додале неколку стихови од познатата „Дојди во Охрид“ од Г. Тодоровски.
Во тихата вечер притаена, мирна, штом месецот тргне по сводот да шета, и некаде, таму в недоглед ширен, сакана ѕвезда тој среќен ја срети; во облесок чуден езерото сјае, а околу светот се занемел, трае, – тогаш дојди в Охрид!
Еве ја во целост „Дојди во Охрид“ од поетот Гане Тодоровски:
- Во мугрите кога ги растури исток
- по небото темно златестите зракој;
- штом сонцето тргна проблеснато, чисто,
- по пресните следи на нокта и мракот;
- езерните далги во утринен блесок
- го гушкаат мило крајбрежниот песок,
- – тогаш дојди в Охрид!
- Кипарисот висок, дабјето крај патот
- со ветрот кога ќе запеат песна,
- во полето кога се лулее злато,
- Дрим разлутен бега под врбите ресни.
- Галичица кога ред приказни реди
- и мирот со шепот и трепет го следи,
- – тогаш дојди в Охрид!
- Темнината кога пласт кадифен фрли
- и избега денот зад врските снежни;
- штом зативне ѕвонот од блиските трла,
- врз небото темно ѕвездената мрежа
- се дипли, а светот в сон потонал длабок,
- сал негде е слушно шумолење слабо,
- – тогаш дојди в Охрид!
- Во тихата вечер притаена, мирна,
- штом месецот тргне по сводот да шета,
- и некаде, таму в недоглед ширен,
- сакана ѕвезда тој среќен ја срети;
- во облесок чуден езерото сјае,
- а околу светот се занемел, трае,
- – тогаш дојди в Охрид!
- Публицитет.мк