Под исклучително висок ризик да останат без вода, или со малку вода во 2040 година се наоѓаат 33 држави во светот, меѓу кои Бахреин, Кувајт, Катар, Саудиска Арабија, Јордан, Либија, но и – Македонија.
Како експертите ги коментираат заклучоците на „Институтот за светски резерви“, кој ја вбројува Македонија во „сушното друштво“ заедно со пустинските држави од Блискиот Исток? Цветанка Поповска, експерт за хидрологија од Градежниот факултет во Скопје, истакнува: „Генерално, не се согласувам во целост со изнесеното во овој извештај, особено не дека сме во друштво со пустинските земји. Но, факт е дека кај нас планирањето, управувањето и заштитата на водите и особено на водните ресурси е на најниско можно ниво, односно, секторот води и проблемите во овој сектор не се приоритет за Владата. Повеќегодишните метеоролошки и хидролошки податоци покажуваат негативен тренд, односно намалување на годишните врнежи и на истекувањето во реките. Меѓутоа, анализирајќи ги трендовите по декади, може да се констатира цикличност на сушни и влажни периоди. На пример, во регионот и кај нас исклучително сушен период беше 1985-2000 година, но периодот 2000-2015 година е релативно влажен и е подобрен хидролошкиот режим во Преспанското и Дојранското езеро и во вештачките акумулации. Во овој период се случуваат зачестени поплави и регионална прераспределба на врнежите: регистрирани се зголемени врнежи во југоисточниот регион – Дојран, Струмица.“
Катастрофално непланирање
Во врска со прогнозите на „Институтот за светски ресурси“ за Македонија Иван Радевски, експерт за хидрологија од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вели: „Тоа е значително песимистичко сценарио, но многу е важно кои податоци ги користел тој институт како база за нивните анализи. Македонија е значително сложен климатски и хидролошки микропростор: значително богат со вода во неговиот западен дел и сушен во централниот и поголемиот дел од источните краеви на државата. Последните неколку години се исклучително богати со вода, што е спротивно на повеќе претходни сценарија дека по 2010 година не‘ очекуваат големи суши. Последниве години се‘ повеќе зборуваме за суфицит на вода, а не за дефицит, односно, има се‘ повеќе поплави, а помалку суши и нашите акумулации генерално се полни со вода.
Речиси сите котлини во Македонија во претходниот период беа помалку или повеќе поплавени. Независно од сите ’песимистички’ сценарија, главниот проблем на Македонија е временската распределба на водните ресурси, односно, недостигот од вода во летниот период, кога таа е најпотребна. Овој проблем беше решаван и ќе се решава со изградба на вештачки акумулации, чијашто вода се употребува во летниот период. Во последните години се изградија индустриски капацитети, кои што ги зголемија потребите од техничка вода.“
Професорката Поповска се надоврзува: „Хидролошката состојба кај нас е катастрофална првенствено поради намалените активности во следењето и набљудувањето и поради неконтролирана потрошувачка во сите сфери. Со водите кај нас ниту се планира, ниту се управува според принципите на оптимални сценарија и ‘зелената економија’. Климатските сценарија за Македонија покажуваат намалување на врнежите за 5-7 проценти и на протеците во реките за околу 20 проценти, како и зголемување на температурите за 1-2 целзиусови степени. За да се намалат влијанијата од ваквите трендови, општеството мора да ги стави водите и заштитата на животната средина како приоритети во своите долгорочни планови. Ако не се случат овие промени, тогаш црното сценарио може да биде реалност.“
До 2100 година – загуба на вода од 18 проценти
Во врска со извештајот на „Институтот за светски резерви“ и националниот координатор за климатски промени на Македонија д-р Теодора Грнчаровска од Министерството за животна средина изнесува определени резерви во однос на проекциите за „водните ризици“ за Македонија: „За какви било споредбени анализи потребно е знаење за користената методологија за проценка и кои се изворите на информации, така што не можам да ги коментирам наодите на тој институт за Македонија.“ Таа укажува на студијата „Климатски промени 2014 – влијанија, приспособување и ранливост“ како порелевантна во врска со водните ресурси. Но, во оваа студија ја нема Македонија поодделно, туку се анализираат само континентите. На пример, за Европа, анализирано за периодите 2030 – 2040 и 2080 – 2100 година, се констатира дека „постојат од многу ниски до средни ризици поради климатските промени, кои ќе доведат до зголемување на потребите и рестрикциите на вода во Европа“.
Македониja не е богата со површински води: вкупното годишно количество на површински води се проценува на 6 милијарди и 372 милиони кубни метри, значи, само по околу 3 илјади кубни метри по еден жител. Затоа, Министерството за животна средина во анализата под наслов „Водните ресурси и предизвикот на климатските промени“, констатира: „Водните ресурси во Македонија се многу ранливи на влијанијата од климатските промени. Без соодветна подготовка и соработка меѓу различни сектори за интегриран пристап за заштита на водните ресурси, последиците од недостигот на вода за здравјето на луѓето и безбедноста ќе бидат многу сериозни. Се предвидува намалување на врнежите од 15 проценти до 2050 година и драстично намалување на истекувањето во сите речни сливови. Општата достапност на водата во Македонија се очекува да се намали за 18 отсто до 2100 година. Сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени. Недостигот на вода ќе биде најизразен во источните делови од земјата. До крајот на векот просечното истекување во Вардар ќе се намали за 20 отсто во споредба со 2000 година. Сливот на Брегалница ќе претрпи најголемо влијание од промените на климата и проектираните загуби на вода ќе бидат 24 проценти до 2100 година.“
Свеста треба да се подигне прво кај политичарите
Извештајот на „Институтот за светски резерви“ е основа за актуелизирање на уште едно прашање: колку вода трошат македонските градови и зошто се‘ уште не почнува кај неговите жители и градските раководства да се менува јавната свест за се‘ поограничените водни ресурси? Поповска одговара: „Во градовите, особено во Скопје, се случува хаос во градското планирање, во управувањето со водите и животната средина. Не се управува со отпадните фекални и индустриски води, кои директно се испуштаат во реката Вардар. Не се управува со атмосферските води и не се управува соодветно со системите за водоснабдување и наводнување.
Приоритет е: изградба на колектори од обете страни на Вардар и дислоцирање на сите фекални испусти (ги има повеќе од 50 само во централното подрачје), изградба на пречистителна станица (која би чинела околу 100 милиони долари), и управување со истеците од водоводните акумулации. Така ќе се создадат услови за третман на отпадните води и користење на технолошка вода (за улична хигиена, за автопералници). Сегашната состојба, кога питка вода се користи како технолошка, е неодржлива и катастрофална за заедницата. Кревањето на јавната свест и односот кон водите мора да започне со кревање на свеста кај оние кои донесуваат одлуки – политичарите.“
Радевски е категоричен: „Најголем проблем во водоснабдувањето на нашите градови се големите загуби во водоводните мрежи, коишто некаде достигнуваат и до 70 проценти. На второ место е недомаќинското трошење на водата за пиење. Во Македонија се‘ уште не е неопходно отпадната вода преработена да се користи како вода за пиење, затоа што, ако се распределат правилно постојните водни ресурси и ако водата безбедно истече до потрошувачот, тогаш нашите проблеми со водоснабдувањето со уште неколку поголеми зафати би биле само случајни.“
Владата и нејзиното Министерство за животна средина предлагаат, меѓу другото, модернизација на хидрометеоролошката мрежа, рехабилитација и реконструкција на водостопанската инфраструктура, како и изработка и спроведување на ефективни планови за управување со водите. Ако не се реализираат овие и други неопходни активности, тогаш можеби и навистина постапно ќе започнат да се создаваат предусловите оваа балканска држава во поглед на своите водни ресурси да се најде во „пустинското друштво“ со Бахреин, Катар, Јемен, Јордан, Либија и Саудиска Арабија.
Извор: www.dw.com









