Според Европската агенција за животна средина Македонија е во црвената зона на ерозија од вода во Европа. Поплавите треба да се сигнал државата да почне интегрална заштита и измена на Законот за води, велат експертите
Минатогодишните и годинешните поплави во Источна Македонија и Пелагонија и особено, неодамнешните поплави во Тетово и околината кои завршија трагично и со шест жртви, треба да се силна опомена за сите. На Македонија и се случуваат куси, поројни и разорни дождови. За голата и сува земја тоа е големо количество вода, а немањето шума и друга вегетација им остава простор на надојдените води да дивеат и да носат се’ пред себе. Лани, Источна Македонија се најде речиси целата под вода. Браната Пишица беше оштетена и да не дојде до нејзино рушење водата заврши во Брегалница. Поројните дождови ја наполнија и браната Калиманци и за да нема преголеми штети во регионот и овој водотек беше насочен кон Штип. Сега, надлежните уверуваат дека речните корита се одржуваат, но тешко е тие да се справат со узурпаторите кои дел од коритата ги претвориле во нелегално земјоделско земјиште. Честа слика се купиштата шут, кои никнуваат некогаш и ден по чистењето. На почетокот од оваа година поплавите во Штип и регионот се повторија, особено Отиња и Брегалница ја покажаа својата сила, а од поплави беше зафатен и Лакавичкиот регион. Во Битолско конечно очекуваат да се исчистат коритото и каналите на реката Црна,ако тоа не се случи поплавите пак се можни. Јавноста како и обично бара брзи одговори,а стручните лица сметаат дека зачестените поплави во Македонија не треба да се гледаат само како дел од драстичните климатски промени, туку дека треба да се преземаат соодветни чекори и да се создаваат услови за заштита од идните можни порои, излевања на реките и лизгање на земјиштето.
Потребна е ревизија на Законот за води
Не е првпат Македонија да е во црвената зона и во претходните извештаи на Европската агенција за животна средина било исто, смируваат дел од стручњаците, но предупредуваат дека европските стандарди ќе треба да се применуваат и дека со природата не треба да се игра.
„Во Балкански рамки и според картата за ерозија на Република Македонија објавена далечната 1993 година, а на која се работеше од 1981 година, 36,5 отсто од целата територија на Македонија е опфатена со силни и екстремно силни процеси на ерозија. Во неколку наврати побаравме да се направи нејзина ревизија, бидејќи се поминати над 30 години, настанати се одредени промени,но тоа не се случи“, вели за ДВ д-р Александар Трендафилов од Шумарскиот факултет во Скопје. Во некои медиуми деновиве беше објавено дека дури 96,5 проценти од целата земја е под процес на ерозија. Македонија до 1990 година имала подигнато околу 150.000 хектари вештачки шуми. Потоа, тој интензитет драстично спласнал како последица на укинувањето на Фондот за шуми. Третирањето на ерозијата, регулацијата на дотеците, поројните надоаѓања сега се на товар и надлежност на локалната самоуправа, а претходно сите ингеренции беа на државно ниво. Многу општини не се во состојба да ги задоволат ни општите потреби на граѓаните, а не пак да се справат со вакви големи и сериозни зафати. Можеби последниве поплави ќе ги поттикнат Општините да побараат ревизија на законот за води. Се случи Брегалница, беше Црна, па Пена, вели д-р Трендафилов: „ Во 1998 се донесе новиот Закон за води, а претходно во цела Македонија постоеја Водостопански организации и дел од надлежностите ги имаа тие. Се формираше ЈП „ Македонски шуми“ не целосно се формира ЈП „Водостопанство “ на РМ кое не заживеа. Беше предвидено, како што е тоа случај во регионот да се формираат Агенција за шуми и Агенција за води, сите досегашни влади немаа слух за тоа.“
Безмилосно се краде шумата
Вакумот присутен со децении најгрубо го искористија дрвокрадците, кои ги опустеа шумите и водат милионски бизниси и секојдневно се надмудруваат со шумската полиција. Бесправно се сече шума низ цела Македонија. Според некои анализи само 14 проценти од директивите на Европската унија кои се однесуваат на оваа област се веќе дел од македонското законодавство. Проф. д-р Иван Блинков, специјалист за ерозија и порои на Шумарскиот факултет деновиве јавно потенцираше дека треба да се води грижа и за урбанистичкото планирање : „Не смее да се планираат и градат станови каде што има закана од идно лизгање на земјата или поплави. Во тие подрачја треба да се градат улици, паркови, насипи и корита кои ќе се одржуваат.“ Д-р Блинков вели дека секоја општина треба да има детални карти за опасност . Тие сега имаат изработено само процена од природни опасности, но само како евиденција.
Кој всушност управува со водата во Македонија?!
Во практиката видно е префрлањето на надлежностите од еден на друг. Водите спаѓаат дури во неколку владини ресори, ни рече д-р Трендафилов: „Режимот на водите и штетите од вода се под ингеренција на Министерството за животна средина. Наводнувањето е под Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, водоснабдувањето во Министерството за транспорт и врски, а пак концесиите за водите се во Министерството за економија. Би требало да има интегрално управување со ресурсите. Тоа би значело да се знае кој управува и кој е одговорен? Во мигов Македонија нема такво нешто . Оваа област бара многу сериозен пристап и експерти и стручњаци кои ќе заборават на политика и ќе седнат и изготват реални и сериозни решенија и натаму со силна политичка волја тоа да стане соодветно законско решение. Најновите случувања ја наметнуваат размислата државата под итно да си ги врати надлежностите од оваа област, ако сака штетите и последиците да се далеку помали,“ вели Трендафилов.
Извор: DW: Автор- Милчо Јованоски