Во последниот месец од годинава свое премиерно прикажување пред публиката ќе доживеат дури триесетина нови остварувања од сите жанрови.
Ќе биде тоа вистински празник за љубителите на филмот во предстојните предбожиќни и предновогодишни празници.Во богатата понуда има дури десетина филмови чии имиња веќе наголемо се вртат како сериозни кандидати за најпрестижните филмски награди но и исто толку и потенцијални блокбастери односно филмови кои би требало да ги израдуваат продукциските куќи и да им ја надополнат евентуалната загуба од летната филмска жетва.Ќе се обидеме во две три продолженија да ве запознаеме со филмовите кои ќе бидат премиерно прикажани на 2, 9 , 16, 23 и 30 декември.
ЏЕКИ
Филмот „ Џеки“ го донесува интимниот портрет на еден од најважните и најтрагичните моменти во американската историја од перспективата на некогашната прва дама на Америка.Филмот ги следи првите четири дена од животот на Џеки по атентатот на Кенеди во 1963 година , во текот на кои достоинствено се соочува со трагичниот губиток додека целата нација и се придружува во нејзината тага.
Во оваа биографска драма ликот на Жаклин Кенеди го толкува оскаровката Натали Портман . Филмот го режира чилеанскиот продуцент и режисер Пабло Лараин според сценариото напишано од Ноа Опернхајм
Во останатите улоги настапуваат уште и:Каспер Филипсон во ликот на Џон Кенеди,Грета Гервин како Ненси Тукерман,Петер Сарскаг како Роберт Кенеди,Макс Касела како Џек Валенти,Џон Керол Линч во ликот на Линдон Џонсон, Били Крудип како новинарот Теодор Вајт,а тука се уште и Ричард Грант, Џули Џуд, Џон Харт , Бет Грант и други.
Филмот своето премиерно прикажување во светски рамки го имаше на годинешниот Венециски филмски феативал каде доби две награди. Потоа беше дел од програмите на фестивалите во Торонто, Њујорк, Остин , Чикаго, Филаделфија…
ОЧИТЕ НА МОЈАТА МАЈКА
„ Очите на мојата мајка“ е хорор драма во црно бела техника и преставува дебитантски филм на Николас Песко.Филмот својата премиера ја имаше на годинешниот фестивал во Санденс.
На една изолирана селска фарма , една мајка која некогаш во Поругалија се занимавала со хирургија, ја подучува својата млада ќерка на француска анатомија. Едно поладне еден таинствен посетител ја разбива нивната семејна идила, ја трауматизира Френсис, но во истовреме кај неа побудува интерес. Иако освен за својата мајка таа е врзана и за нејзиниот татко. Франциска всушност е осамена личност и чезнее за поврзаност со надворешниот свет. Неколку години по таа трауматична случка лузните на Франческа од минатото попримаат изразито мрачна форма која е проткаена со нејзината емоционална и психичка нестабилност.
Ликот на младата Франческа го игра Оливиа Боанд а како возрасна Кика Магалхе. Во филмот настапуваат уште и Вил Брил, Кертис Грин, Флора Диаз и Клара Вонг.
ОТЕЛОТВОРЕН
Откако мајката ќе биде сведок на застрашувачките знаци дека нејзиниот 11 то годишен син е опседнат со ѓаволот, преставничката на Ватикан на помош ќе го повика научникот др.Сет Ембер кој е во инвалидска количка да го ослободи детето од лошиот дух.Управуван од личната агенда вкоренета во неговото минато , Ембер влегува во несвесниот ум на детето каде тој се соочува со демонот кој е жесток колку што е генијален.
Главните улоги во филмот ги толкуваат:Керис ван Хутен ,холандска актерка која по настапот во филмот на Пол Верховен „ Црната книга“ гради успешна кариера во Холивуд,момчето Дејвид Мазус, Арон Екхарт и Каталина Сандина Морено-колумбиска актерка која се прослави со филмот „ Марија полна со милост“. Режисер на овој хорор трилер е Бред Пејтон кој во изминатата година го режираше блокбастеророт „ Сан Андреас“.
ОНА ШТО ЌЕ ДОЈДЕ
„ Она што ќе дојде“ е петтиот игран филм на сценаристката и режисерката Миа Хансен –Лав.Во главната улога во оваа француско германска драма настапува познатата француска актерка Изабел Ипер . Таа во филмот игра лик на една средовечна професорка по филозофија која предава во едно средно училиште во Париз.Нејзиниот сопруг Хајнц е истотака академски граѓанин кој предава филозофија.
Тие имаат син и ќерка . Неговата ќерка дознава за неверството на својот татко и го тера да избере помеѓу двете жени.Хајнц се определува за љубовницата и го напушта семејството без многу грижа на совест. Ова преставуба шок за Натали , но таа не се предава . Тоа ќе и’ помогне да ја открие слободата и да ужива во неа.
Филмот всушност говори за несигурностите кои можат да го погодат секој од нас во било кое доба, приморувајќи не да започнеме да се сомневаме во сето она што во текот на животот сме го изградиле.Режисерката на филмот своевремено признала дека ликот на Натали делумно се темели врз искуствата на нејзината мајка која била професорка по филозофија и која во текот на животот морала да се соочи со разводот.
Во филмот покрај Изабел Ипер настапуваат уште и Андре Марион, Роман Колинка, Едит Скоб, Сара ле Пикар и други.
Филмот својата светска премиера ја имаше на годинешниот Берлински филмски фестивал каде ја доби наградата Сребрена мечка за најдобра режија. Иста ваква награда режисерката Миа Хансен –Лав освои и на филмскиот фестивал во Букурешт. Инаку филмот беше прикажан и на фестивалите во Чикаго , Ерусалим, Пула, Сарајево, Мелбурн, Истанбул, Тајпеи…
БОРЕЦ ВО ДВОБОИ
Руската акциона драма со елементи на трилер „Борец во двобои “ е во режија на Алексеј Мизгирев.Главните улоги во филмот ги толкуваат: Петар Фјодоров, Владимир Машков, и Сергеј Гармаш. Ова е трет руски игран филм кој е произведен користејќи го форматот на IMAX. Филмот во Русија започна да се прикажува од 29 септември 2016 година во целосна IMAX техника.Филмот имал буџет од 725 милиони рубљи односно околу11,4 милиони американски долари.
Се работи за авантуристички филм со драматични и трилер елементи чие дејствие се случува во заднината на палатите и благородниот поглед на рускиот главен град. Во центарот на приказната е пензионираниот офицер Јаковлев, кој се враќа во Петроград по долгиот егзил. Додека престојува во градот тој се бори како дуелант.Иако тој се бори за пари, тој има за цел да ја врати својата чест и да им се одмазди на оние кои го посрамиле.
ЛА ЛА ЛЕНД
Годинешниот најстар филмски фестивал во светот , Венецискиот, беше отворен со прикажувањето на филмот „ Ла Ла Ленд“ американски филм во режија на Дамијен Шазел. Филмот говори за пасионираниот џез пијанист Себастијан(Рајан Гослинг)кој се бори да состави крај со крај во Лос Анџелес, градот на светлината, филмот и убавината, но познат и како град кој ја дроби надежта и ги распарчува сништата и срцата. Наспроти Себастијан е Миа (Ема Стоун), недокажана актерка , дојдена од едно малечко градче во Невада, девојка со чиста душа и срце и неспорен уметнички талент кои соседните холивудски студија никако не можат да го откријат.
Себастијан и Миа имаат и талент и сништа, набрзо ќе се имаат и еден со друг, а нивниот пат до професионалното докажување, со подеми и падови во Лос Анџелес на сегашноста, ја чини сржта на овој филм.
Користејќи ги сите познати жанровски стереотипи, режисерот Шазел создал оригинален мјузикл кој говори за секојдневниот живот.Мјузикл кој ја истражува радоста и болката на живеењето кон патот на остварувањето на животните сништа.
Дамијен Шазел е школуван музичар ( тапанар), кој зад себе го има жестокиот филм „ „Ритамот на лудилото “кој беше посветен на џез тапанерите. Филмот „ Ла ла Ленд“ може слободно да се смета како некој вид на природно продолжение на неговите музичко- филмски преокупации.
Актерката Ема Стоун за улогата во овој филм ја доби наградата Копа Волпи за најдобра женска улога на фестивалот во Венеција.Филмот досега е прикажан на голем број на фестивали ширум светот:Торонто, Цирих, Лондон, Бусан, Чикаго, Филаделфија, Виена, Денвер, Мумбаи…Освен тоа тој се повеќе се споменува како еден од најсериопзните кандидати за највисоките филмски награди.
КАНЦЕЛАРИСКА БОЖИЌНА ЗАБАВА
Еве уште еден филм посветен на предстојните Божиќни празници. Филмот е насловен како „ Канцелариска Божиќна забава“ и во него настапуваат :Кејм Мек Кинон, Оливија Мун, Џенифер Анистон, Џејми Чунг, Џејсон Батеман, Џулијен Бел, Оливер Купер, Ванеса Бајер и многу други. Режисери на оваа Божиќна комедија се Џош Гордон и Вил Спек.
Дејствието на филмот го следи менаџментот на една компанија, кој за да го избегне затворањето на канцелариите, се обидува да направи најдобра божиќна забава која некогаш се случила и на тој начин да го привлечат потенцијалниот клиент и да ја завршат работата која нивната компанија ќе ја подигне на нозе.Забавата се разбира набрзо ќе тргне во неочекувана насока…
БАРАЊЕ ПРИЈАТЕЛ
Хорор трилерот „ Барање пријател“ е германски филм кој како режисер го потпишува Симон Верховен. Главните улоги во филмот ги толкуваат Алисија Дебнам -Кери, Вилијам Мозли, Конор Паоло, Брит Морган, Брук Маркам, Шон Маркет и Шашавни Хол. Кога еден осамен студент на интернет ќе запознае една мистериозна девојка , тој ќе дојде во ситуација да се бори со присуство на демони кои ќе го принудат да ги убива неговите најдобри пријатели.
Филмот е снимен во Кејп Таун, Јужна Африка. Иако филмот е произведен од страна на германскиот режисер Симон Верховен и германски продукциски компании, претежното англиското говорно подрачје побарало филмот да биде снимен на англиски јазик. Снимањето заврши во март 2014 година.
ХАРИ БЕНСОН : ПРВА ФОТОГРАФИЈА
Долгометражниот документарен филм„ Хари Бенсон:Прва фотографија“говори за Хари Бенсон познат шкотски фотограф чии слики се објавувани на страниците на најпрестижните списанија како Венити Феар и Њу Јоркер.
Она што денес го знаеме за многу познати музичари , политичари , актери … се должи на познатото дело на фотографот Хари Бенсон. Тој ги фотографирал работните и интимните моменти од животот на најпознатиот бенд во историјата- Битлси. Неговото широко портфолио е огромно и ги вклучува и фотографиите на Мухамед Али, Мајкл Џексон,Грета Гарбо и д-р Мартин Лутер Кинг.
Познатиот фотограф Хари Бенсон се прослави заедно со Битлси, кога им бил доделен за покривање на нивната прва турнеа во САД во 1964 година Со непречен пристап зад сцената, Бенсон овековечил некои од најпознатите различни и интимни портрети на најпознатиот популарен бенд во историјата.
Бенсон, денес има 86 години, се уште е активен и нема намера да запре.
Филмот го режирале Џастин Бар и Метју Миеле а за делото на Бесон во филмот меѓу другите говорат и Доналд Трамп, Хенри Кисинџер, Алек Болдвин, Џејмс Брукс, Шерон Стоун и многу други.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк