Среде лето, во мојата земја, во втората деценија на 21 век. Се возам со меѓуградски автобус со расипан климатизер – не лади, туку автоматски се вклучува греењето, без можност да се исклучи (според шоферот, од безбедносни причини).
Седам на половина седиште, бидејќи бројот на седиштето запишан на билетот не бил важен, бил само формалност. Или “ебаго, со редој ли че се замараме” што би рекол шоферот.
Сите си молчиме, како да сме свикнале на ваквата реалност и уживаме во отсуството на воздух и препотувањето, дури низ автобусот ечи музиката со текстови од типот “измеџу мене и тебе тама..” и “бела Циганка”. Дури се качуваат и други, и тоа онаму каде што нема станица и одлично, уште од одма се вклопуваат во атмосферата. Групно, сите загледани во мобилните. Недостига уште некој што ќе брка покемони низ автобусов.
Едно дете плаче. Многумина уморни, возбудени од плачот не можат да заспијат. Нема кој да го смири – мајка му спие.
Се движиме бавно, ама немало да има пауза за да стигнеме на време. Пушачите се тешат со тоа дека помалку ќе пушат дури патуваме, а за тоалет никој не спомнува за да не биде дека е мочко… А сите мислиме дека сме луѓе.

Зад шоферот кој намерно вози по стар пат, за да избегне една патарина, а да ги уништи амортизерите, има два часовника – на едниот, веќе два часа е 12, а на другиот, оној функцуоналниот е 3 и 37. Мојот рачен часовник покажува 19 и 31.
И така, преживувајќи во ваквата реалност, не се заморувам со формалности, уживам во препотувањето и отсуството на воздух. Се чувствувам и удобно во седиштето, не ми треба повеќе. Нели сме луѓе… Молчам, гледам во мобилниот и се запрашувам во кое време живеам…
Не е расказ, вистина е!

Иван Антоновски, книжевник






