Охрид е најпознато туристичко место во Македонија и за летниот распуст е едно од најраздвижаните и најпосетените места. Познат е по многубројните забави коишто се едни од главните атракции и долгите “луди“ ноќи. Но, колку младите знаат да се забавуваат и каде се забавуваат, ќе дознаеме од следните одговори:
„Најчесто излегувам подоцна, околу 22 или 23 часот со друштво и одиме во некоја дискотека, како Park или Park Golden Beach, каде има некој ди џеј и остануваме до раните утрински часови.“- вели Марко, 18 годишен.
„Најпрво ни треба цел ден за да се договориме каде да одиме и на крај испаѓа, само што ќе излезиме, во тој момент да се договориме каде ќе одиме. Најчесто одиме Dublin, Bosforus, Aquarius или DJ Pizza. Таму одиме на пијачка или јадење, а потоа продолжуваме да се шетаме низ градот.“- Филип, 18.
„Кога има свирки по кафулињата, најчесто сме дел од нив. Често присуствуваме на свирките во Gossip и Aquarius, кадешто се собираме поголемо друштво, па после свирката продолжуваме на некое друго место.“- Ангела,17.
„Ова лето не излегувам многу често. Зафатена сум повеќе со работата и работам до доцните часови. Но, кога имам слободен ден се среќавам со моите најдобри другарки и излегуваме некаде на кафе или на пица.“- Ивана, 19.
„Јас сум таков тип на човек што не сака често своето слободно време да го поминува во дискотеки или кафулиња. Повеќе сакам да седам дома и да читам некоја добра книга или да гледам некоја интересна серија или филм. Ако излезам, практикувам тоа да биде во природа.“- Ана, 16.
„Многу сакам забави и сакам да присуствувам на секој настан којшто се случува во Охрид. Затоа и најчесто не сум ни “прибран“ дома, како што викаат моите родители. Одам на манифестации, забави и хуманитарни настани.“- Милан, 17.
„Секогаш кога сите од друштвото сме слободни, се собираме, купуваме за пијање и одиме Скејт Парк. Таму седиме, се забавуваме, зборуваме и понекогаш знаеме да останиме до подоцна.“- Филип, 17.
„Откако почнав да работам, немам толку време да се забавувам. Забавата ми е токму на работа, ха, ха. И кога имам слободно време, тоа најчесто го трошам на себеси.“- Мартина, 19.
„Јас често сакам да сум со повеќе луѓе на повеќе места, па затоа пробувам да го поделам своето време и да стигнам да се видам со повеќе другари, а и својата девојка. Кога сум со друштвото најчесто се собираме кај некого дома и гледаме филм или излегуваме заедно во некое кафуле, а кога сум со девојката често одиме во некој ресторан или на некои културни манифестации, како Охридско Лето.“- Бојан, 19.
„Јас сум расположена за се` и сешто. Знам и да одам на Cubalcanica во Cuba Libre или на некоја свирка во Kadmo или пак едноставно да излезам некаде лежерно со своите пријателчиња. Се` додека имам време знам максимално да го користам.“- Елена, 17 г.
Дамјана Видическа / Публицитет.мк