Бигорски манастир („Св. Јован Бигорски“) — манастирски комплекс кој се наоѓа на патот помеѓу Гостивар и Дебар во непосредна близина на селата Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требиште, по течението на реката Радика во западна Македонија.
Според Бигорскиот поменик, манастирот бил основан од страна на монахот Јован во 1020 година, а во XVI век манастирот бил разрушен од страна на Отоманската власт и од целиот комплекс останал само како мала црква. Од помениците исто така се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време.
Името на манастирот доаѓа поради фактот што објектот бил изграден од бигор. Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква која е посветена на Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.
Манастирот Свети Јован Бигорски надалеку е познат по својот иконостас. Него го правеле занаетчиските раце на Петре Филипов – Гарката од селото Гари. Заедно со брат му Марко Филипов, Макрариј Фрчковски од Галичник и Аврам Дичов со синовите Васил и Филип од родот Филиповци од Осој во периодот од 1829 до 1835 година, успевајќи да создадат прекрасна артистичка дрвена постапка.[1]
Иконостасот е поделен во шест хоризонтални појаси. Првиот во основата е составен од правоаголни полиња на кои има орнаменти од флората и фауната. Вториот појас, во кој се поместени престолните икони, завршува со фигура на орел со раширени крилја. Третиот појас е поделен на три помали хоризонтални разделби во кои симетрично се распоредени ангели, гроздови, гранки од винова лоза и др. Над нив се наоѓаат два реда икони – празнични и со претстави на апостолите. Во централната партија се наоѓа големиот крст на којшто е претставено Христовото Распетие. На обете страни од крстот стојат фигури на змеј од чии усти се креваат иконите на Јован Крстител и Пресвета Богородица.
Ако имате време, посетете го. Во секоја доба од годината манастирот зрачи со својата убавина.
Нашите фотографии покажуваат дека и во дождлив ден да се биде во Свети Јован Бигорски е посебен благодет.
Податоци од Википедија
Фото – Публицитет.мк