„Парламентарки“ зборуваат за желбата за власт и моќ
Драмската предлошка за текстот „Парламентарки“ лежи во Аристофановата комедија „Жени во Народното собрание“ и севкупниот драматуршки материјал, кој беше напластен во процесот на создавањето на претставата, комуницира – или подобро – се обраќа на сегашноста, создавајќи карикатурална политичка фарса со елементи на гротеска, своевиден комедиографски хибрид кој почива на проблемот на власта. На оваа линија, текстот е инспириран од кризата на поединецот кој ја напушта сопствената зона на комфор и излегува на првата линија на отпорот, борејќи се за правата кои сам ги создава, со желба да креира систем по свои, сосем нелогични правила и стандарди. „Парламентарки“ од една страна го критикува секој политички систем и структурите на власта, а од друга – се занимава со органиката на човековата глупост во желбата за власт и моќ, вели драматургот Сашо Димоски, вработен во Велешкиот театар, а е по потекло од Охрид.
Режсерот Ненад Витаов кој на публиката и е познат по хит претставата „Детектор на лаги“ за новата соработка со охридските актери ќе рече: Старите „Парламентарки“ во новото време: Претставата „Парламентарки“, инспирирана од комедијата „Жени во Народното собрание“ од старогрчкиот комедиограф Аристофан, почива врз принципот на создавање сценска карикатура во сите облици на власта, нејзино поистоветување со сегашноста и обид да се надмине сегашноста кон вечното сегашно време. Оваа претстава, како комедија со елементи на гротеска и фарса, пред гледачот поставува еден свет на интимен конфликт кој станува политички конфликт, поставувајќи ги и толпата и поединецот сред кризата како животен императив. Човековата желба за позиција и власт, како двигатели на фабулата низ сценското дејство, го носат светот до сопствениот амбис и му допуштаат, сосем спокојно, да се урне, со надеж дека светот кој доаѓа ќе може да биде доволно едноставен за да се опстане во него, вели Витанов.
Во овој најнов проект на Охридскиот театар ќе играат: Јасмина Билаловиќ, Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Сашо Ристовски, Биљана Билаловиќ Вељановска, Филип Кипровски, Павел Маслов, Елизабета Стефановска, Ивица Цонев.
Премиерата е закажана за утре во 20 часот а влезницата чини 200 денари.
Публицитет.мк






