Конкурсот за пријавување на годинешното издание на „Рок фест“, веќе е отворен и ќе трае до 1 април. Сите заинтересирани групи, може да се пријават на rockfest.mk@gmail.com.
Пријавата треба да содржи име на бендот, стил на музиката што ја свири, кратка биографија на групата, имиња на членовите, фотографија, контакт-телефон, адреса на е-пошта, фејсбук-страница или веб-страница, и секако снимки од најмалку три авторски песни. Не е задолжително снимката да биде професионална, таа може да биде и демо-снимка.
Традиционлната манифестација „Рок фест“, по неколкугодишна пауза, годинава повторно ќе се одржи со што фестивалот се враќа на старите патеки, овозможувајќи им на младите и неафирмирани бендови од Македонија да ги направат своите први чекори и да ја почувствуваат позитивната атмосфера на „големата“ сцена. Годинава фестивалот е во организација на „Баги комуникации“ и ќе се одржи на 27, 28 и 29 април, во концертната сала на Младинскиот културен центар во Скопје.
Традиционално за победникот ќе одлучува публиката, а за најдобрите се обезбедени и вредни награди. На победникот ќе му биде овозможено снимање на неколку песни. Освен групната награда, ќе има и поединечна, за најдобар гитарист на фестивалот, за кој ќе одлучува жири составено до познати македонски гитаристи. Најдобриот гитарист како награда ќе добие професионална гитара „јамаха“, која ја доделува музичкиот салон „До-ре-ми“ од Скопје.
Покрај натпреварувачката, годинава ќе има и две ревијални вечери во кои ќе настапуваат групи, кои биле учесници или победници на „Рок фест“, а сега се веќе реномирани групи на домашната рокенрол-сцена.
Покрај концертните настани, во рамките на фестивалот ќе има и голем број придружни содржини како што еизложбата на која ќе бидат поставени голем број фотографии, плакати, летоци од изминатите години, со што ќе се збогати целокупната програма.
„Рок-фест“ е најстарата организирана рок-манифестација во Македонија, низ која во изминативе повеќе од три децении, продефилирале повеќе од 1.000 групи од земјава. Востановена е во далечната 1981 година, како „Македонски рок-фестивал“, односно „Рок-фест“. Востановувачите на оваа манифестација, некогашниот неделник „Екран“ и Младинскиот културен центар од Скопје, пред сѐ ја имале и сѐ уште ја имаат идејата за откривање и поттикнување на младите музичари од македонскиот музички простор. Сето тоа низ еден вонинституционален, младински и неформален образец. „Рок-фест“, е замислен како манифестација на непрофатибилни и некомерцијални основи, како алтернатива на музичкиот естаблишмент. Но ни од далеку не дава само аматерски или супкултурни групи.
Низ оваа манифестација, афирмацијата ја стекнале или барем како отскочна штица ја имале многу групи, што подоцна ќе бидат фактор во македонската музичка продукција. Меѓу нив се и „Автограм“, „Цилиндер“, „Сарацени“, „Бадмингтонс“, „Мизар“, „Архангел“, „Ласт експедишн“, „Санаториум“, „Зијан“, „Ареа“, „Октавијан“, „Далтонс“, „Културно уметнички работници“, „Смат“, „Сињак“,„Верка“ и многу други. Некои од членовите на овие музички групи што своите први јавни музички чекори ги направиле токму на „Рок-фест“, подоцна станаа значајни и афирмирани музичари, а меѓу нив може да се набројат Мики Јовановски-Џафер, Ристо Самарџиев, Петар Ренџов, Ристо Вртев, Сашо Гигов-Гиш, Горан Трајкоски, Владимир Петровски-Картер, Петар Георгиевски-Камиказа, Валентино Скендеровски и многу други. Меѓу овие имиња мора да се спомене и Бубо Каров, познат од хумористичната емисија К-15, кој своевремено свиреше бас-гитара во кавадаречката рок-група „Токму така“, која е единствена група што победила двапати на „Рок-фест“, во 1983 и во 1985 година. Самата листа покажува дека практично денес во Македонија, нема етаблирано музичко име што не поминало по скалилата на „Рок-фест“.
Публицитет.мк