(Замислете го светот без живиот свет околу нас. Или подобро- не го замислувајте)
Светскиот ден на биолошката разновидност 22 Мај е повторно Ден за потсетување на она што го имаме како богатство околу нас и кое малку го цениме а многу не го цениме. А ете го имаме многу во овој наш заеднички регион. Се вика и Охридско Езеро и Преспанско Езеро. Се вика и Национален Парк Галичица и Парк Преспа и Пелистер. Се вика и акумулација Глобочица и езеро Дебарско и река Дрим.Се вика и резерват Езерани и Студенчишко Блато и Белчишко Блато. Го има и како појаси со трска и изворишта и во Свети Наум и во Дрилон. На другата страна се и Вевчански извори и сите прекрасни предели на планината Јабланица.
И сето тоа има свој степен на заштита согласно законската регулатива и меѓународните конвенции. И сето тоа како финале е ставено под една заедничка капа наречена Прекуграничен Биосферен резерват на УНЕСКО. Во секој од неговите наброени и ненаброени делови, а сепак повторно заедно како еден организам, видливи се ендемизми и разноликост на риби, животни-цицачи, влекачи ,водоземци, инсекти, растенија, микрооорганизми ….
Целиот овој регион и ситем на езера и реки е обединет во еден единствен Басен. Дримскиот. И во него испреплетени сите вредности и на флора и фауна, една блескава разновидност која бара заштита и квалитетно заедничко управување. Тоа е воедно најкомплицираниот и најпредизвикувачкиот дел за работа во наредната деценија и многу повеќе, кој ќе бара компромиси меѓу екологијата, економијата, енергетиката настојувајќи во целата таа комплексност да имаме минимум штети за биодиверзитетот. Не попусто уште на почетокот рековме- We have a DRIM.
Биодиверзитетот е основа на животот и основа за придобивките кои ги црпиме од екосистемот. Тој е битен како поддршка за животните потреби на луѓето и за одржлив развој во сите области на активност вклучувајќи ги економските сектори како земјоделие, шумарство , рибарство , туризам и многу други. Со запирање на загубите во биодиверзитетот, се инвестира во луѓето, во нивното живеење и во нивната добросостојба. Да, ова овде е ретко богато парче земја. Не во оној смисол на богатство каков што денес е извитоперен, туку онакво исконско, благородно, природно. Замислете да го снема сето тоа богатство. Или сепак подобро не ни замислувајте.
Дејан Пановски – EnvironMentalist