Спроведувањето на договорот за излез од политичката криза во Македонија формално почнува со денешната средба на работната група составена од членови на четирите партии потписнички на договорот (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА). Прва тема на која треба да работи оваа работна група е Државната изборна комисија, која се најде во забелешките од извештајот на Рајнхард Прибе, со препорака да биде составена од непартиски членови.
Опциите што ќе ги разгледува работната група координирана од белгискиот експерт Питер ван Хоутен, предвидуваат од реконструкција на ДИК, до комплетно распуштање и формирање на ова главно изборно тело од почеток.
Бидејќи за какво и да е решение во контекстот се потребни измени во Изборниот законик (а опозицијата уште не е вратена во Собранието за да може да се изгласаат истите), работната група најпрво ќе се зафати со прашањето како најефикасно да се прочисти избирачкиот список – процес што треба да заврши три месеци пред одржувањето на изборите.
Извор: Капитал.мк