Годинашнава културна манифестација „ Вечер на Живко Чинго“ , која се организира под покровителство на општина Охрид, ќе се одржи вечер во атарот на црквата „Св. Петка“ во селото Велгошти со почеток во 20 часот.
На манифестацијата, по повод 80 годишнината од раѓањето на Живко Чинго, еден од најбележитите претставници на современата македонска литература, беседа ќе одржи академик Милан Ѓурчинов, а пригодно обраќање ќе има претставник на Локалната самоуправа. На чествувањето на Димитар Димоски од Охрид ќе му биде врачена наградата „Живко Чинго“ за најдобар кус расказ, која во конкуренција на 73 раскази, ја освои на годинашниов анонимен конкурс што традиционално го распишува општина Охрид.
Извор: www.ohrid.gov.mk
Живко Чинго (13.08.1935 – 11.08.1987)
ЦРЕШИТЕ ВО ПАСКВЕЛИЈА
на гробот на Живко Чинго
Како што гледаш
а оттука најарно се гледа
и без дулбија
сè уште не се узреани
црешните во Пасквелија.
А кога ќе узреат
ќе бидат скапи
и ќе ги нема на охридскиот пазар, таму де, кај вашата охридска куќа, сите пасквелиски черешни,
до една, се извезуваат
и така го подобруваат
платниот биланс на татковината.
Ако беше како во литературата
ти сигурно ќе му испратеше
едно пакетче црни пасквелиски цреши црни, шербет благи,
на Исак Бабел
да му се најдат
на долгите маршеви со
негoвата црвена коњица.
Тој секако ќе ти возвратеше
со пакетка цигари,
и сè така во круг
‐ таков е уметничкиот живот.
Ај што пресушиле цвеќињата, ама не чини што пресушуваат
и сеќавањата. Сме биле
или не сме биле ич не е сеедно. А сме биле. Штоако сега сме напикани во откачен вагон
‐ пак сме на главниот колосек.
Таму не се доаѓа со плукања,
со прескоци и протекции.
И во откачен вагон се стасува
до целта, само треба целта да ја знаеш. Патувањето до целта го крепат делата, друго е лук и вода.
И жити се, остајте не настрана
‐ плукајте се ако вие е до плукање,
до последната плунка исплукајте се,
ама остајте нè на раат да го видиме узревањето на првата цреша во Пасквелија. Во неа е збрана душичка, за цел свет.
Кој каснал сал една цреша од Пасквелија вечно ќе ги чести војничињата
тадури и во времињата кога
нема регрути избањати и испеглани
за излез в град сека божја сабота.
Уште и ќе раздава соништа
на лотарија, се разбира дека ќе пуши
и севезден ќе носи џемпер на копчиња.
Добро бре луѓе, разбирате ли нашински?! Остајте ме, кога ви велам,
на раат да го пречекам узревањето
на првата цреша во мојата Пасквелија
а вие, ако толку ви дошло,
за вашите плуканици најдете си ваш свет.
Ристо Лазаров
од книгата “Препки”

Извор ФБ статус на поетот и публицист Ристо Лазаров
Публицитет.мк