На 18 септември истекува рокот за привремената забрана на рушењето на струшките плажи, по што ќе следува целосно отстранување на нелегално изградените барови, шанкови и сите други елементи со кои е заградено крајбрежјето. Градоначалникот на Струга, Зијадин Села, е категоричен дека по овој датум ќе продолжи постапката за целосно уривање на изградените објекти, како што беше во пролетните месеци кога низ Струга се отстрануваа привремените објекти кои служеа како трафики или сендвичарници од мал обем.
„Јас тоа што го имам најавено, ќе го спроведам. Тоа е мојот став. Судовите како ќе постапат, тоа е нивно, но, сепак, оваа работа не може да оди до бесконечност. Мислам дека судовите не треба да се мешаат во оваа работа. Од 18 па натаму ние веќе немаме управен спор, бидејќи договорите се прекинати, а секој договор кој го имале дотогаш е неважечки и сега судовите не треба да прифатат нивни жалби“, рече Села.
Рушењето на објектите, како што нагласи градоначалникот, ќе започне од градот, а ќе заврши во селото Радожда. Согласно со законската рамка, оние објекти кои веќе се легализирани ќе останат, а оние кои не се ќе бидат урнати. Во Генералниот урбанистички план, како што појасни Села, нема привремени објекти, бидејќи за објектите кога се давале под концесија не била дадена дозвола за привремени објекти, тие дозволи ги дава Општината, а не Министерството за транспорт и врски.
„Потоа просторот ќе се дава под концесија како што наложува законот и како што се предвидени стандардите, монтажни објекти и шанкови кои ќе работат само за време на летото. Градските плажи ќе бидат на граѓаните, без концесија, за да можат граѓаните и туристите со пешкир и со влечки да одат таму и да го искористат тоа што Господ ни го дал како природна убавина“.
Извор: Утрински весник