Белградските стрит фотографии од Радмила Ванкоска
Си ја сакам зависноста од Инстаграм. Ми помага да откривам фотографи како Радмила Ванкоска.
Радмила е од Охрид, а неколку години живее и фотографира во Белград. Се занимава со документарна фотографија, портрети и колажи. Уште од прва се заљубив во стилот кој ме потсеќа на гранџ — валкан ама реален.
Најсилен впечаток ми оставија фотографиите кои ги објавува во дневникот, а и серијалот со улични фотографии во Белград. На суров и искрен начин Радмила го дели секојдневието во градот. Ни покажува ликови со приказна и моменти кои често ги пропуштаме движејќи се по улица.
Погледнете ги фотографиите од улиците на Белград подолу и запознајте ја Радмила.
Кажи ни нешто повеќе за овој проект.
Овие црно-бели стрит фотки започнав да ги правам пред извесно време кога си го прилагодив вецето како лабораторија за развивање ц-б филмови. Белград е преполн со бувљаци, улични продавачи, улиците се цело време живи и се трудам да украдам бар дел од таа атмосфера. Има нешто посебно во тоа сам да го водиш целиот процес на создавање на фотографијата, па мислам дека ваквите улични моменти се одлична вежба за тоа.
Што те доведе до Белград? Колку време си таму?
Во Белград сум веќе три години и планирам да останам. Тука си направив фамилија, а градот секој ден го сакам се повеќе. Моментално ги привршувам мастер студиите по дигитални уметности, конкретно по фотографија (а во меѓувреме на факс ме навлекоа и на кратки видео форми).
Работиш ли на некои нови проекти во моментов?
Имам мал милион проекти на кои работам моментално, но тука би го издвоила својот магистерски труд кој се работи за документарно фотографирање на животот на неколку транс жени. Ќе ве известам кога ќе го завршам.
Исто така работам на еден мал интимен проект наречен #idiot35 преку кој ги архивирам секојдневните моменти во мојот живот со еден престар идиот апарат и 35 милиметарски колор филм.