Пуштени се во продажба билетите за StartQube, летен камп за стартапи со интрнационален дух, а на веб страната на настанот (http://startqube.codequbate.me/) се објавени и сите информации.
StartQube ќе трае од 1ви до 6ти септември. За локација предвиден е убавиот Охрид, но овојпат на еден поинаков и по-алтернативен начин – планината Галичица, во областа Велестово. Бројот на билети е многу ограничен (вкупно 30 билети) со оглед на специфичната локација, па организаторите повикуваат сите заинтересирани да побрзаат да си обезбедат билет. Цената на билетот е 4500 денари и таа ги покрива сите трошоци околу настанот – сместување, храна , целиот тренинг и други поволности.
Благодарение на соработката помеѓу StartQube и најавениот Startup Festival кој се одржува вечерта на 4ти септември во Охрид, сите учесници на StartQube во цената на билетот добиваат и бесплатно учество на Startup Festival, за што е организирана групна посета од страна на присутните наStartQube.
StartQube е уникатен летен камп кој има за цел да го зголеми претприемачкиот дух на младите во Македонија и регионот. Насочен е кон младите луѓе од сите области, кои се ентузијасти за да започнат свој бизнис, или да развиваат некаков продукт.
„Целта ни е да ги доближиме практичните и тешко стекнати искуства на менторите, луѓе кои ги направиле правилните одлуки, до оние кои можат да имаат реална корист од нивните искуства, луѓето кои допрва ги формираат нивните идеи и почнуваат да работат на нив.“, велат организаторите на настанот, кои воедно веќе три години по ред го организираат добро познатиот програмерски маратон Codefest. За разлика од Codefest, на StartQube може да учествува секој, независно од тоа дали се работи за ИТ стартап или некоја друга дејност.
Низ практични работилници во текот на кои учесниците ќе можат „од прва рака“ да го согледаат процесот низ кој поминува eдна стартап компанија, ќе се овозможи пренос на несекојдневни знаења за младите претприемачи. Целиот настан е од полу-формален и неформален тип, со цел да се создаде можност за поблиска интеракција помеѓу присутните, а со тоа да се постигне подобар ефект. Предвидени се и доста занимливи отворени активности низ кои учесниците ќе се запознаат со дел од туристичките можности на Охрид.
Менторите на StartQubeдоаѓаат од цела Европа, што го прави настанот единствена можност за запознавање, учење и дружење со дел од најдобрите стартап професионалци, и тоа на неформален начин. Оваа придобивка веројатно е нај-незаменливиот дел од целиот настан. Со цел истата да се оствари, сите ментори во текот на кампот ќе „живеат“ заедно со учесниците, на истата
локација и ќе бидат отворени за дружење и разговори. Од основачи и менаџери, па се до претставници од инкубатори, акцелератори и инвестициски фондови… Профилите на сите Ментори можете да ги погледнете на веб страната, а во следните два дена ќе бидат најавени уште неколку.
Побрзајте и резервирајте си билет на следниот линк: http://startqube.codequbate.me/booking, па бидете дел од нешто несекојдневно. Од организацијата порачуваат дека ќе се погрижат ова да го паметите целиот живот!