Здружението од областа на Туризмот и угостителството“Туристички Сојуз” со седиште во Охрид на седницата на Извршниот Одбор одржана деновиве разгледувајќи ги ефектите од годинашната сезона ги донесе следните заклучоци и препораки
Летната туристичка сезона ја оценува како една од поуспешните во однос на бројот на странски туристи и бројот на ноќевања реализирани претежно во хотелите во Охридско – струшкиот регион. Сезоната ќе беше уште поуспешна доколку не се случеше инцидентот во Куманово кој беше пренесуван во медиумите во соседството како да е војна во Македонија.Голем број на странски групи во тој период ги откажаа своите аранжмани. Државните институции за овој случај не реагираа правовремено посебно преку нашите амбасади во соседните земји кои мораа во првите 24 часа да реагираат и да ги негираат таквите инсуинации на одредени медиуми во соседството.
Отварањето на нови хотели како Мираж во Струга, Хотел Филип,Хотел Тино и Аква Лине во Охрид е добар сигнал за инвестиции во хотелиерството додека градењето на базени и СПА како дополнителна содржина во хотелите е добар правец во развојот на хотелиерството…
Политиката на субвенционирање на странските тутоператори кои донесуваат странски туристи во Македонија се покажа како исправна мерка и треба да продолжи во иднина уште најмалку 3 години.
Политиката на државата во субвенционирање на евтини авиолетови од и до Македонија е успешна мерка која исто така треба да продолжи со отварње на нови дестинации посебно кон Полска и Русија од каде имаме константно зголемување на бројот на туристи.

Туристичкиот Сојуз ја поздравува одлуката за отварањето на линијата Охрид – Лондон и истата треба да продолжи во наредните години а општините Струга и Охрид заедно да ја субвенционираат со подршка на Владата и да настапат со осмислена и агресивна промоција на Саемот во Велика Британија како можност да се донесе голем број на туристи.
Туристичкиот Сојуз ги поздравува активностите и проектите на локалните самоуправа и Градоначалникот на Охрид за разубавување на градот (изградбата на фонтаната кај мини маркетот, малиот плоштад кај стара библиотека, изградба на дел од пешачката патека од каналот Студенчишта до хотел Парк) но исто така го охрабруваме Градоначалникот заедно со Советот на Охрид со поддршка на Владата на РМ. да опстојат и да ги реализираат ветените проекти како нова автобуска станица,затворен пазар, аква парк во Охрид, затворен базен, поврзување на кејот со патека до Канео, изградба на марина и изградба на малото пристаниште) како нов квалитет во туристичката понуда на Охрид. Туристичкиот Сојуз ги поздравува инфраструктурните проекти на локалната самоуправа но истите треба да се реализираат надвор од месеците јули и август .
Туристичкиот Сојуз ги поздравува активностите на Градоначалникот на Струга и локалната самоуправа во разубавување на просторот посебно новото шеталиште од десната страна на реката Црн Дрим и го охрабруваме да продолжи во таа насока. Во градот е неопходно изградба на пристаниште така ќе може да се користи редовен бродски превоз од Струга кон Охрид и Св.Наум. Посебно внимание да се посвети на чистотата во градот.
Туристичкиот Сојуз ги охрабрува локалните самоуправи на Охрид и Струга во наредниот период да се насочат во изградба на автобуски постројки (моментално се во многу лоша состојба) по европски стандарди ( како добар пример се постројките што град Скопје ги има поставено низ Скопје) со ред на возење од и до хотелите и другите делови на градот за да може граѓаните и гостите истите да ги користат. Предлагаме автобусите кои имаат дозвола од општината за линиски превоз да бидат брендирани со одредена боја (по теркот на такси возилата).
Туристичкиот Сојуз ги поздравува активностите на Владата за автопатско поврзување на Охридско-струшкиот регион со Скопје но исто така инсистира што поскоро Стража да се реши со автопат. Странските туристи кои доаѓаат со автобус го посочуваат овој дел како најтежок во патувањето. На автопатот се забележуваше расфрлано ѓубре, безжичниот интернет на патарини не функционира, додека автопатаот Гостивар – Тетово заради искината жица на повеќе места го прави небезбеден и далеку од современ автопат. Автопатското поврзување на Охридско –струшкото крајбрежје со запад ќе донесе миниму 10-15% зголемување на туристите посебно од соседните земји.
Патот од Битола до Охрид кој е мошне значаен за туристите од Р.Турција кои се моментално број еден кај нас по нивната бројност треба под итно да се рехабилитира и трансформира во експресен пат со заобиколница кај Ресен..
Агенцијата за промоција на туризмот има доволно финансиски средства од Владата на РМ и кадровски е екипирана за да направи исчекор во промоцијата. Последните промоции на Саемите за Туризам не се на нивото на кое треба да бидат односно се реализираат просечни промоции, без доволно настани на штандот, без прес конференции за странските медиуми акредитирани на Саемот и туроператорите кои се присутни на ваквите значајни манифестации, без организирање на Б2Б средби меѓу нашите и странските туроператори на Саемот. Во Агенцијата скоро секогаш недостасува промотивен материјал. Затоа предлагаме Агенцијата за промоција на Туризмот да се реорганизира во Национална Туристичка Организација која од базата ќе ги обединува туристичките работници во сите сектори. НТО имаат сите земји во чии фокус е Туризмот.Упатството за субвенционирање на странски туристи, Агенцијата за промоција на туризмот да го направи практично употребливо и поедноставно во неговата примена.
Туристичкиот сојуз посебно го акцентира проблемот со камповите на Охридско-струшкото крајбрежје за кои во континуитет има најголеми поплаки за нивна несреденост од страна на странските но и домашните туристи кои ги користат. И покрај тоа што Владата го донесе Законот за кампови нема негова имплементација на терен.Туристичкиот сојуз бара од Владата преку Агенцијата за промоција на туризмот истиот да се имплементира во целост за наредната туристичка сезона.
Туристичкиот Сојуз предвидува дека секоја наредна година ќе биде подобра во туризмот доколку не се случи некаква дестабилизација на земјата.
Туристичкиот сојуз ќе инцира акции со намалување на цени на туристичките аранжмани за Охридско-струшкиот регион во периодите ноември – март со цел привлекување на туристи и посебно на домашните туристи.
Публицитет.мк






