Неодамна во Јалова, Турција во рамките на младинската размена со едукативен карактер се реализираше програмата за млади „Право на работа за сите“. Меѓу шестте претставниците од Македонија беше и Ѓоко Маркоски, од Охрид ученик во ПСУ „Петта гимназија“ од Струга.
На овој собир поддржан од Програмата за мобилност на Европската комисија- Еразмус+ учествуваа тимови од Словачка, Грција, Португалија, Полска, Романија, Македонија и земјата домаќин – Турција.

Нашиот ученик Маркоски, всушност бил најмладиот учесник на собирот и според него Проектот имал за цел да ги едуцира младите во областа на човековото право за работа, да се подобри свеста на младите за луѓето со инвалидитет и тие да се насочат кон континуирано помагање на овие лица.

– Покрај оваа примарна цел, ние учесниците се запознавме со податоците за невработеноста во ЕУ земјите, со методологијата како се доаѓа до тие податоци, а ни беше промовирано и активното граѓанство. Претставниците на сите држави, имаа своја „културна вечер“, на која ја презентираа својата култура – традиционалните јадења, игри, музика, јазик и сл. Нашата македонска вечер во целост предизвика особено внимание кај присутните . На овој начин учесниците се запознаа со другите култури, за во иднина полесно да ги прифатат различностите. Сите заедно ја посетивме и куќата на создавачот на модерна Турција Мустафа Кемал Ататурк во која тој поминал еден дел од животот, вели Ѓоко Марковски.
Публицитет.мк






