„Денови на македонската фотографија“ е традиционална манифестација во организација на Фото сојузот на Македонија, а оваа година во соорганизација на Фото клубот “Охрид“ од Охрид, која преку изложби, предавања и работилници имаше за цел да ја популаризира фотографијата и да го прикаже творештвото на македонските автори во претходната година.
Програмата се одвиваше во Галеријата на Центарот за култура “Григор Прличев“, како и во Институтот за филм, Филмска Академија Охрид (ФИОФА).
Во петокот вечерта започна со проекција на документарен филм за Вивиен Маер во Институт за филм, Филмска Академија Охрид (ФИОФА) – Охрид и продолжи со дружење на учесниците. Активностите продолжија следниот ден со блок презентации и видеа за фотографите Цветан Гавроски, Боро Рудиќ, Александар Кондев, Љупчо Илиевски, Фото кино клубот “Битола” како и презентации на колекции на автори кои во минатата година добија звање Ф1 ФСМ и проекции на краток докуметарен филм – “Dark Light: The Art of Blind Photographers”.
Фотографии: Димче Коруноски
Вечерта во 20.00 часот во Домот на културата беше отворена изложбата на фотографии “Денови на македонската фотографија”-2016. На самиот конкурс пристигнаа 244 фотографии од 56 автори, а од страна на жирито составено од Проф.д-р Цветан Гавроски Мајстор на фотографија при ФСМ, Владимир Арсовски кандидат мајстор на фотографија при ФСМ и вонр.проф. м-р Ладислав Цветкоски од Факултет за Ликовни уметности – Скопје за изложбата беа примени 76 фотографии од 33 автори како во сениорска така и во младинска конкуренција. На изложбата беа застапени фотографии на фотографи од фото клубовите: ФК Елема од Скопје, ФК Битола од Битола, ФКК Чкрап од Тетово ФКК Козјак од Куманово, ФК Охрид од Охрид како и од самостојни автори, а на најдобрите во сениорска и младинска конкуренција им беа доделени награди и дипломи.
Автор: Борче Сиљаноски од Тетово ВО СВОЈОТ КРУГ – Прва награда Авторот за жал починал неколку денови по испраќањето на фотографијата на конкурсот
Неделата беше предвидена за фотографирање и дружење на учесниците. Организациониот одбор на 54 денови на Македонска фотографија го сочинуваа Боро Рудиќ – претседател на ФСМ, Кирил Штрков – секретар на ФСМ и членовите на ФСМ Александар Кондев, Драги Неделчевски, Горан Цветковски, Зоран Вељаноски Летра, Лазар Коњановски и Димче Коруноски.
Фото: Александар Кондев
Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам за соработката на НУ Центар за култура “Григор Прличев” – Охрид и Институт за филм, Филмска Академија Охрид (ФИОФА) – Охрид и посебно на Членовите на фото клуб Охрид : Зоран Велјаноски, Лазар Коњаноски, Ѓоко Симјаноски, Љупчо Паункоски и Борче Чакалоски за организацијата на оваа манифестација, вели новиот претседател на ФК Охрид Димче Коруноски.
Публицитет.мк