На денешен ден пред точно десет години во вечните ловишта како што велат замина м-р Најденко Попоски, директорот на Охридска банка.
И денес повозрасните охриѓани за банката која сега е дел од семејството на Соситете Женерал ќе речат банката од Најденко.
Тоа доволно зборува што значеше и какви траги во времето остави овој човек, зад себе за семејството, роднините, пријателите, банкарската фела и на крајот или можеби требаше на почетокот за неговиот Охрид, а и за Македонија.
Во последниот поздрав до него објавен неколку дена по смртта во „Утрински весник“ стои запишано:
-Во моментите кога домашната јавност очекуваше убави вести од Охрид, во македонското банкарство конечно да влезе познат банкарски бренд, од древниот град стигна информацијата која длабоко ги растажи бројните пријатели на големиот банкар Најденко Попоски. Човекот кој со голем елан, и покрај болеста, самопрегорно работеше за да и’ обезбеди на банката, на чие чело беше дваесетина години, подобра иднина, не дочека да го круниса својот напор. Банкарството во Македонија остана без голем стручњак, а Охридска банка без врвен менаџер.
Како и зад секој успешен менаџер, останува делото кое Попоски го остави во неговата банка. Под негово раководство Охридска банка успешно го изоде патот на транзиционите реформи и стана банка со висок рејтинг, стабилност и доверба. За ова говори и фактот што за една и пол деценија , потенцијалот на банката е зголемен девет пати и достигна 9,3 милијарди денари.
Оние кои ја имаа честа лично да го познаваат Попоски и да бидат во негово друштво, знаат дека станува збор за личност која целосно беше предадена на својата професија. Без влакна на јазикот, никогаш не одбегнуваше да се впушти во жестоки дискусии кога станува збор за финансиски и банкарски теми, особено во одбрана на интегритетот на банкарството. Таквата отвореност, несвојствена за повеќето банкари кај нас, му донесе бројни почитувачи, како во неговата фела, така и кај новинарите кои во Попоски имаа компетентен соговорник за суптилните финансиски прашања.
Неговата биографија е преполна со важни функции, кои успешно ги извршуваше. Пред Охридска банка, Попоски беше на чело на Стопанска банка – Охрид, од 1974 до 1982 година, а од 1982 до 1987 година беше член на Извршниот совет на Македонија и директор на Републичкиот завод за општествено планирање. Попоски беше потпретседател и претседател на Собранието на Општина Охрид, како и секретар и претседател на Општинскиот комитет и на Општинската конференција на СКМ – Охрид. Беше одликуван со Орден на трудот со сребрен и златен венец, а минатата година ја доби наградата „Св. Климент Охридски“ на градот Охрид.
Покрај практичната работа во банката и во банкарските здруженија (беше претседател на Здружението за банкарство и осигурување при Стопанската комора на Македонија), Попоски беше и автор на повеќе стручни трудови од областа на банкарството и финансиите. Како поклоник на уметноста и културата несебично ги помагаше и овие дејности.
М-р Попоски беше инцијатор за создадената Нумизматичката поставка која беше сместена во некогашниот деловен простор на банката среде старата охридска чаршија кој новите сопственици подоцна го отуѓија а збирката ја повлекоа. Судбината на колекцијата од 1700 монети од античкиот период , па се’ до 17 век иако, како Попоски велеше дека е подарок за градот Охрид и денес е нејасна.
Експертите од областа на нумизматиката меѓу кои и Даница Бачева велат дека најдобра алтернатива е збирката да се изложи во Музејот на Робевци бидејќи и првичната идеја на поранешниот директор на Охридска банка, Најденко Попоски била збирката да биде подарок за граѓаните на Охрид. Така, колекцијата ќе покажува кој сме и што сме ние Македонците.
Две години по смртта на основачот на Охридска банка, м- р Најденко Попоски, во Охрид беше промовира Монографија посветена на неговиот живот и дело.
Монографијата е потсетник на неговите големи дела. Содржи говори, размислувања и ставови на м-р Најденко Поповски, а неговото семејство ја објави во знак на почит и сеќавање кон него.
Во неа меѓу другото во текст е префрлено и последното големо интервју на м-р Најденко Попоски дадено за медиумите и тоа во култната емисија на Радио Охрид ТОП ФОРМА емитувана во живо на 23 април 2003 . Автор и водител: Милчо Јованоски.
М-р Попоски во интервјуто зборуваше со многу емоции и љубов за родното село Слатино, за семејството, банкарството,пишувањето и уметноста, за радостите и тагите во животот, надежите и очекувањата.
Како утеха за семејството и за неговите почитувачи на кои и денес им недостига и само физички не е со нив нека сведочи неговата јавно соопштена размисла во интервјуто – Од животот имам повеќе добиено отколку што очекував.
Подолу со клик на линкот можете да го слушнете аудио интервјуто во целост:
Публицитет.мк