Вчера во Скопје беше промовиран едукативниот прирачник за деца „Моето семејство‘‘ од авторката м-р Ели Маказлиева, а во издание на издавачката куќа ЕДУКА МАК, Скопје, наменет за деца од предучилишна возраст според програмата за рано учење и развој.
Промотор на прирачникот беше проф. д-р Татјана Котева Мојсовска, а промоцијата со свој настап ја надополнија и децата од детската градинка „Буба Мара‘‘, која ја покрена иницијативата до МТСП, за реализација на проектот „Семејство и семејни вредности“.
„Моето семејство“ е ново издание, кое треба да даде помош и поддршка во реализација на целите на програмата и поконкретно за реализација целите на Проектот на МТСП -„Семејство и семејните вредности“ .
Според својата концепција, физиономија и структура, овој прирачник го содржи многу значајниот воспитен елемент – стекнување сознанија и навики за семејството како основна клетка во општеството, како и градење свест кај децата за негување на семејните вредности и стекнување знаења, во раната возраст, кои остануваат трајни.
Прирачникот дава можност преку слика и збор, преточени во активност која е поврзана со сите аспекти на Стандардите за рано учење и развој, да се препознаат одредени ситуации во кои детето се пронаоѓа и учи за семејството и семејните односи.
ОДОБРЕН е за употреба во ДЕТСКИТЕ ГРАДИНКИ со РЕШЕНИЕ на Министерот за труд и социјална политика на Република Македонија.
Публицитет.мк