Во бројот 6 од списанието ДРОГИ- ПОЛИТИКИ И ПРАКТИКИ од мај годинава објавен е прилог посветен на десетте активни години на Здружението ОПЦИЈА од Охрид
Автор на прилгот е Јулијана настосдка , социјален работник во ОПЦИЈА.
Списанието „Дроги – Политики и практики“ обработува теми поврзани со дроги, употреба на дроги, лекување зависности од дроги, но и други проблематики што се надоврзуваат на главните теми, како што се: сексуална работа, ХИВ/СИДА, хепатитис Б и Ц, туберкулоза, права на маргинализирани групи/заедници, родови перспективи, пристап до информации од јавен карактер, истражувања, политики, застапување, граѓанско општество, активизам, социјална работа и политика, здравство. Списанието е наменето за лица што употребуваат дроги, лица што се лекуваат од зависности, стручни лица од областа на употребата на дроги и лекувањето зависности и пошироката јавност засегната и заинтересирана за наведените проблематики.Првиот број на ова списание е отпечатен во октомври 2013 година.
10 години Здружение на граѓани Опција од Охрид
Тимот на Здружение на граѓани Опција од Охрид на ден 8.10.2015 година во мала сала на Општина Охрид одржа состанок со донесувачи на одлуки на кој состанок присуствуваа скоро сите поканети претставници од државни установи и невладини организации кои во текот на сите овие години изградија партнерски и пријателски врски со нас како организација. Значајно е тоа што истиот ден Опција Охрид прослави 10 години активно постоење и спроведување на проектот „Одржување ниска ХИВ преваленца во РМ“ на територија на Охрид и Струга, сето тоа дополнето со мини коктел и медиумски експонирано. И да, бевме навистина горди.
Но почетоците воопшто не беа лесни. Во 2003 година кога Опција се регистрирала во централен регистар на РМ и моите колеги започнале да го пробиваат патот на програмите за намалување на штети од употреба на дрога, тоа било шок за многу претставници на установи кои требало да ги поддржат овие програми. Да се отвори невладина организација која ќе ги поддржува и услужува „наркоманите“ во Охрид не доаѓало во предвид. Ставот бил дека сето тоа треба да се апси и затвори вклучувајќи ги и тие кои работат со нив. И покрај многуте обструкции од сите страни, притисоци, негодувања, лобирања кај градоначалникот, активностите во 2005 година официјално почнаа полека да се спроведуваат.
Скромно на терен и со еден мал но сосема доволен центар за размена на стерилна опрема за ињектирање, односно служба и асистенција преку т.н низок праг на услуги и повеќе сервиси под исти покрив каде што преку еден вид на секундарна превенција се стремиме кон подобрување на здравствената и социјална состојба на корисниците на дрога. Започнавме едукации со корисниците на дрога за тоа како да спречат предозираност од дрога, како да се заштитат од ХИВ, од Хепатитис Б/Ц, Туберкулоза, како правилно да ја уништат искористената опрема за ињектирање, ги мотивираме и советуваме да се стабилизираат на метадонски програм, започнавме со бесплатни анонимни и доверливи тестирања за ХИВ и Хепатитис Ц, создадовме една позитивна атмосфера и сигурност во нашиот дневен центар. Бројот на корисници на дрога енормно растеше и во Струга, па ги проширивме нашите теренски активности и посети во дом на клиенти и во тој регион.
Во Декември 2010 година започнавме со програми за поддршка на сексуални работници и нивни семејства на територија на Охрид и Струга. Повторно шок. Со оглед на тоа што сексуалната работа во Р. Македонија не е регулирана со закон се појави прашање како ние ќе функционираме, како ќе им помагаме на сексуалните работници, како ќе бидиме прифатени и слично. Повторно со предрасуди се гледаше на нашата организација. Тимот успешно и со голем ентузијазам започна да ги спроведува активностите насочени према сексуалните работници и нивни семејства. За прв пат добивме и волонтер од Мировен Корпус кој со своето искуство ни помагаше во секојдневните активности. Воведовме и бесплатни гинеколошки прегледи со помош на ХЕРА – Скопје. Бевме и сме упорни, професионални и секојдневно ги актуелизираме проблемите со кои што се соочуваат сексуалните работници, работиме на промоција и унапредување на правата на сексуалните работници и нивните семејства со цел подобрување на нивниот економски, социјален и здравствен статус. Денес успеавме да го промениме ставот на локалното население за сликата на сексуалниот работник.
Во Март 2015 година отворивме уште еден дневен центар во Струга за корисници на дрога со комплетно нов тим. Со тоа го олеснивме пристапот на нашите клиенти од Струга и околината затоа што во дневниот центар може да ги користат истите услуги што ги користеа до сега во Охрид и да побараат услуга од медицинско лице, социјален работник и теренски работник.
Сите овие години учевме од најдобрите. Нашите колеги ХОПС од Скопје ги отворија овие програми уште во 1996 година, па ни беа учители во вистинска смисла на зборот. Се нижеа обуки, семинари, тренинзи, запознавме нови колеги, нови контакти и умрежувања, теренска работа, патувања во Трст, Венеција, Љубљана, Приштина, Амстердам, имавме можност практично да се запознаеме како функционира и работи тим на професионалци со долг стаж во својата работа и тоа искуство да го пренесеме кај нас. Сето тоа ни помогна да се изградиме и како личности и како професионалци. Тимот низ годините се менуваше: некои си заминуваа, нови доаѓаа, некои се пронајдоја во оваа работа – некои не, некои за жал и починаа, но секој член специфичен на свој начин, успешен или помалку успешен, професионален и непрофесионален ќе остане запишан во историјата на оваа организација.
Опција веќе стана сериозна и препознатлива организација. Партиципираме во Советодавна група на граѓани при Сектор за превенција Охрид и Локален совет на млади во Општина Охрид. Создадовме одлична вмреженост со СВР Охрид каде што на нивно барање имаме направено неколку едукации во повеќе сектори со припадници на полициските униформи, со Метадонски центар Охрид секојдневно контактираме и се координираме за се што е поврзано со нашите клиенти, во ЈУ Малолетнички затвор Охрид правиме едукации од најразлична област, во ЈУ Затвор Тефериџ Струга редовно правиме тестирања за ХИВ и Хепатитис Ц и едукации со лицата кои издржуваат затворска казна таму, во Пожарна Охрид и Струга едукации со вработените, 90 припадници на Армијата во Охрид беа обучени како да препознаат и превенираат сексуално и по крв преносливи инфекции, соработката со Центар за социјална работа Охрид и Центар за јавно здравје, ROCHE-Скопје, Црвен Крст Охрид, Младински совет Охрид и ЛАР Струга се само дел од установите со кои и ден денес имаме одлична соработка. Се што е позначајно од светски денови ги одбележуваме секоја година и сите активности се медиумски застапени затоа што ни е важно дел од овие превентивни програми да допрат и до општата популација на локално ниво. Со тоа станаа почести и гостувањата по локалните тв станици, веб портали каде што имаме отворена дискусија за самите корисници на дрога и сексуалната работа, и секогаш се зборува за нас во позитивна конотација и које бенефитот од овие организации за целото јавно здравје. Двата дневни центри на Опција се посетувани од голем број на студенти и организации кои се инволвирани во оваа или слична област.
Целта ни е како тим да продолжиме со спроведување на активностите и хуманите политики на ЗГ Опција Охрид и после 2016 година т.е заминувањето на нашиот единствен донатор Глобал Фонд од Женева, да го сензивитизираме населението дека дрогата (и сите последици кои ги носи таа) е проблем на целото општество а не само на зависниците, да ја подигнеме свеста на населението и на сите релевантни владини/невладини институции почнувајќи од Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика и Локалната самоуправа, за посериозно вмрежување и соработка со цел поквалитетна помош на лицата кои имаат потреба но и поквалитетно јавно здравје.
Можеби нешто пропуштив, но ќе го надополниме за 20 годишнина на Опција Охрид.
Јулијана Настоска
Социјален работник