Наш гостин Симон Карамешиноски. Овдешната јавност во Охрид и таму во Сиднеј – Австралија го знае како Симон камерманот.
Човек – хроничар на Охрид од периодот на осумдесетите , па се’ до денес. Во неговата архива се зачувани стотици и стотици настани кои го обележаа животот на градот и оставија траен белег во неговиот растеж.
Во „Мојот живот, мојот свет“ Симон си ја отвори душата народски кажано и ни раскажа како е да се живее и овде и таму.
Со клик на линкот подолу , слушнете го интервјуто во целост.
Во 1995 год. Охрид – Симон со сопругата Вера ќерките Соња и Милена
Обично на почетокот зборувавме за корените и од каде прекарот за неговата фамилија Градски. Потеклото по татко му е од Мешеишта. Дедо му всушност бил посвоен и живее во Охрид во стариот дел на градот , но по 18 години му кажале дека е по потекло од Мешеишта и тој се вратил на својот имот. Бабата на Симон по потекло била од Пештани од рибарска фамилија а роднини сега има и во Трпејца.
Нп, тој е роден во Охрид во 1952 во старата охридска болница на „Димитар Влахов’ каде што живее и денеска.
Првото заминување за Австралија ми е во август 1975 останал три години и тагувал за Охрид. По втор пат заминал во 2004 и до денес е на оваа релација.
– Во мојата архива имам меѓу 5 и 10 илјади часа видео материјал. Овековечени се многу настани и луѓе. Мнозина сакаат да ја поседуваат, но таа ќе остане за Охрид, вели Симон. Во ова аудио интервју тој се потсети на тоа како започнал со камерманството во Австралија за крадењето на занаетот, желбата да се има камера а се нема пари да се купи. За враќањето во Охрид дружбите со покојниот снимател Љупчо Шурбаноски и соработката со познатиот охридски снимател за Радио телевизија Скопје Муџахит Хилни ама и за работата во ЕМО во информативната служба и соработката со новинарите: Живко Димоски, Магде Манеска, Виолета Веруш и колегите од останатите фабрички весници како Никола Манески и тогашното радио Охрид.
Ни кажа за сите радости и таги со кои е испреплетен животот секому па и нему. За семејната трагедија умирањето на првата сопруга и подоцна женењето за сопругата Вера. За тоа како ја има прошетано Австралија долж и попреку, но и за претераната носталгија со која се борел и се бори.
Симон ако не беше тоа што е – камерман и хроничар ни призина дека сакал да биде пејач и затоа се дружел токму со другарите од некогаш популарната охридска група „Канео“ . Но вели:-Никогаш не се знае можеби еден ден ќе успеам да ја снимам мојата сопствена композиција, еве на пример во студиото на Љупчо Попоски од Охрид кој сега живее во Сиднеј.
На шега вели дека неговата Вера поради честите отсуства од дома му велела дека камерата му е најголема љубовница. А кафеаните, иако не е од оние што знаат да се опијат му се канцеларија. Особено во перидот додека живеел во Охрид. Во „Летница“ сите минувале и го барале да снима разни поводи.
Во својата снимателска кариера Симон има добиено повеќе награди и признанија , но најмногу се гордее со наградата од фестивалот МАЛ МАНАКИ во Битола добиена во средината на деведесеттите за документарецот „Името ми е Партениј – Алилуја“ посветен на монаштвото во Бигорскиот манастир.
Во интервјуто зборува и за настаните кои ги следи во Сиднеј и прекрасната соработка со СБС и сегашната уредничка на македонската програма Радица Бојковска – Димитровска.
Од лани според австралиските закони е пензионер и ужива во ситните радости и дружбата со сопругата Вера и со внуците овде и таму од ќерките Соња и Милена а секако сега во нивниот фокус е најмалата внука Софија.
Интервјуто го правевме во Охрид, Симон веќе е во Сиднеј. Дел од фотографиите ни ги даде од овдешната архива а дел ни испрати од таму.
Публицитет.мк