
Од 1-5 март се одржа завршницата на проектот: „Поврзување на училиштата преку граници“ од програмата Еразмус + чиј домаќини беа учениците и професорите од Гимназијата „Св. Климент Охридски“ – Охрид. Овој проект требаше да биде заокружен минатата година со посета на деца од неколку европски земји на Охрид, но поради пандемијата од Ковид-19 тоа не се случи, и овај настан од неколку дена успешно се одржа он-лајн.
Над сто средношколци од Полска, Шпанија, Германија, Холандија, Бугарија и С. Македонија пет дена работеа во комитети барајќи решенија на мошне интересни теми со кои се соочува општеството во секојдневието. Охрид како домаќин на он-лајн гостите им организираше брзо учење на македонскиот јазик како и видео презентација на културно-историските споменици и природните убавини на градот и околината.

– Иако нашата мобилност оваа година се одржуваше виртуелно, сепак успеавме да имаме успешна завршница и многу среќни лица. Учениците работеа напорно подготвувајќи се, водејќи и работејќи во комитeтите и дадоа се’ за оваа пријателска интеракција да биде како во реалноста. Горди сме на залагањето и работата на нашите ученици. Истовремено сум среќна што нашата Гимназија е вклучена уште во неколку нови меѓународни проекти, вели професорката Даниела Спироска една од носителите на проектот.

Успеавме да забележиме и неколку изјави на средношколци, учесници во проектот кои напишаа:
– Организацијата и програмата многу ми се допаднаа. Не беше напорно, а научив многу. Уживав да дискутирам во комитетот и на генералното собрание, напиша средношколец од Германија

– Ги сакам сите луѓе што ги запознав – виртуелно. Се надевам дека ќе имаме шанса да се сретнеме лично во други прилики, напиша средношколка од Шпанија.
Ученик од Софија напиша: – Беше интересно и забавно, многу корисно. Ме натера да навлезам подлабоко во македонскиот јазик и покрај тоа што е близок до бугарскиот. Интересно е да се направи разлика.
Од Гимназијата „Св. Климент Охридски“ – Охрид, активно учество во проектот зедоа 40 ученици кои претходно преку истиот проект беа во посета на неколку европски земји.
Публицитет.мк






